Осуда за пропустите на МВР и Кривичен суд за бегството на Груевски стаса од 14 организации


       
Скопје, 15 ноември, 2018 - 13:28 (META) 

Вкупно 14 истакнати граѓански организации денеска упатија остра осуда за, како што велат, пропустите, неажурноста и непочитувањето на одредбите од Законот за извршување на санкции и Правилникот за начинот на вршење на полициските работи од страна на Основниот суд Скопје 1 и Министерството за внатрешни работи (МВР), кои резултираа со бегството на Никола Груевски од Македонија.

Организациите, меѓу кои се и Фондација Отворено општество – Македонија и Хелсиншки комитет за човекови права, посочуваат дека осудениот требало да се јави во затвор веднаш по приемот на конечниот и правосилен упатен акт, наместо да се чека да заврши процедурата со жалби на решението.

Во реакцијата од организациите се вели дека според член 87 од Законот за извршување на санкции, доколку осудениот не се јави во зададениот рок со упатниот акт, установата (затворот) е должна да го извести судијата за извршување на санкции, кој треба веднаш да издаде наредба до МВР за приведување на лицето.

„Доколку лицето не е достапно на органите на прогон, МВР треба да издаде потерница. Согласно информациите од медиумите, директорот на Затворот Скопје – Скопје, Ѓоко Котевски го известил Основниот суд Скопје 1 Скопје, дека осуденикот не се јавил доброволно на отслужување на затворска казна на 10.11.2018, еден ден после трите неуспешни обиди за доставување на упатниот акт. Во овој момент се јавува најголемиот пропуст на судот и прекршување на одредбите од Законот за извршување на санкции. Апсолутно е нејасно зошто Судот не постапил во согласност со закон и го игнорирал начелото на итност од став 3 на чл 87 од Законот за извршување на санкции, па за издавање на наредба за приведување на осуденикот, чекал два дена од добиеното известување од директорот на затворот и истата ја издал до СВР Скопје на 12.11.2018 во 16:30 часот, со барање за издавање на национална потерница“, се вели во реакцијата.

Организациите посочуваат и дека обезбедувањето не смеело да го остави Никола Груевски.

„Ова е четврто лице осудено во високопрофилираните кривични постапки, кое поради неажурност и некоординираност на судските власти и органите на прогон, успеало да избега од државата и да го избегне издржувањето на казна затвор определена со правосилна и извршна пресуда, што укажува на итната потреба од преиспитување на функционалноста на органите на прогон, граничните служби и судските власти“, се вели во соопштението од 14-те граѓански организации.

Целата реакција и списокот на организациите може да се прочитаат тука.