fbpx

Оспорен изборот на новиот состав на Македонскиот национален совет во Србија

-

На вчерашните избори во Србија за националните совети на националните малцинства, во изборите за новиот состав на Македонскиот национален совет апсолутна победа оствари актуелниот претседател на Советот, Борче Величковски, и неговата листа. Беа избрани вкупно 23 члена на МНС, објави овој Совет на својата Фејсбук-страница.

Но, регионалната телевизија Н1 претходно објави дека 17 електори од вкупно 79 верификувани електори за овој совет, го напуштиле гласањето за МНС поради, како што наведуваат, мешање на политиката во изборниот процес.

Стефан Трајковски, еден од електорите, за Н1 изјави дека се решиле на бојкот откако еден од нив не се појавил на гласање бидејќи добил „закани и уцени“.

-Целиот изборен процес е политизиран и ние не сакаме да учествуваме во тоа. Новото раководство не ги застапува интересите на македонското национално малцинство, туку само на партијата што „разведрува и наоблачува“ во Србија, односно Српската напредна партија – рече Трајковски, кој ја повика и македонската влада да не ги признае резултатите на изборите и да не му дава легитимитет на новоизбраното раководство.

Со обвинувања дека Српската напредна партија сака да инсталира свои луѓе во националните совети се огласи и активистката за човекови права Аида Ќоровиќ, која обвини дека „упад“ имало и во изборите на новиот состав на Бошњачкиот национален совет.

Покрај новиот состав на МНС, во Србија вчера се избираа новите членови на уште 21 национален совет на малцинствата. Поголемиот дел од националностите во Србија, односно вкупно 18, членови на новиот совет ги избираа непосредно, а четири – македонското, хрватското, црногорското и руското малцинство – ги избираа членовите на електорски собранија.

Изборите ги спроведе Републичката изборна комисија, која соопшти дека не добила ниту еден приговор или забелешка за изборниот процес, кој беше набљудуван од претставници на ОБСЕ и ЕУ.

Националните совети имаат овластувања од областа на културата, образованието, информирањето и службената употреба на јазиците и писмата на националните малцинства.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Нови 46 нови случаи на пертусис, од нив 9 се хоспитализирани

Во периодот од 12 до 18 април, пријавени се 46 нови случаи на голема кашлица, со зголемување од 4,5 отсто споредено со претходниот седмодневен период, информира одделот за епидемиологија...