!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Османи во 2018 година очекува одлука за почеток на преговори за членство во ЕУ


       
Брисел, 13 ноември, 2017 - 18:39 (META) 

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи и Министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска во Брисел имаа работна средба со Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан, на која Османи истакнал дека 2018 година ќе биде клучна година за процесот на евроинтеграција на Македонија.

Османи потенцирал дека Владата има намера до крајот на оваа година да испорача напредок во имплементацијата на реформите што би резултирало со позитивен извештај и чиста препорака од Европската комисија.

– Соодветно на отстранувањето и на останатите, политички пречки за напредок во евроинтегративните процеси, како што се односите со соседите и внатрешните политички прашања, очекувам и напредок од страна на Европскиот совет во јуни/јули, следната година, за кога се надевам на одлука за почеток на преговори за полноправно членство во Европската Унија. За нас 2018 година претставува историска шанса кога сите коцки се наредени за да го направиме клучниот исчекор и конечно да го затвориме прашањето за НАТО и ЕУ – истакна Османи.

Во рамки на посетата Османи и Димитров утре треба да имаат средба и со Потпретседателката и Висока претставничка за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини.