Османи: Владата го усвои договорот за Фронтекс, подготвени сме да го потпишеме


       
Брисел, 6 јуни, 2018 - 16:59 (META) 

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи заедно со Министерот за економија Крешник Бектеши, во Брисел се сретнаа со Димитрис Аврамопулос, еврокомесар за миграција и внатрешни работи на кого му ја претставиле содржината на новиот реформски план „18“ со акцент на на делот со миграциите, односно унапредување на соработката со Фронтекс.

– Носам добри вести од Скопје, каде вчера, Владата, донесе одлука со која го усвои текстот на договорот меѓу Република Македонија и Европската Унија, со кој се регулира статусот на пограничните служби и соработката со европските погранични органи – Фронтекс – рекол Османи на средба, испраќајќи притоа отворена покана до еврокомесарот Аврамопулос за посета на земјава на која би се потпишал и официјализирал овој договор.

Османи го информирал еврокомесарот за новиот план „18“ и изразил надеж дека ќе има успешен резултат од јунските самити на Европската Унија, со одлука која ќе ја забетонира евроатлантска иднина на Македонија.

– Се надевам дека многу скоро спорот меѓу Македонија и Грција ќе биде надминат со што ќе се создадат услови за забрзано продлабочување на добрата соработката меѓу двете земји – додаде Османи.

Во рамките на дводневната работна посета на Брисел, Османи денес ќе има средба и со Кристијан Даниелсон, генерален директор во Директоратот за Европска соседска политика и преговори за проширување на која ќе биде презентиран новиот реформски план.

Утре вицепремиерот Османи ќе има средба и со високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателката на Европската Комисија, Федерика Могерини, и ќе одржи брифинг со претставниците на земјите членки на Европската Унија во работната група КОВЕБ, а на маргините на посетата ќе има и свое обраќање за европските интеграции на Македонија пред дипломатските претставници како и претставниците на граѓанскиот сектор во Брисел, во организација на Фондацијата „Ханс Зајдл“.