fbpx

Османи: Тие што се против законот за јазиците се против за ЕУ и НАТО и против земјата

-

Тоа што може да го кажам како новина е вчерашната посета на Германија, и на средбите со претседателот Франк Валтер Штајнмајер и со канцеларката Ангела Меркел, јасно се поздрави донесувањето на законот за употреба на јазиците и на некој начин се осуди однесувањето на оние што имаат осуди за законот во дневнополитички цели. Тоа е опасен пристап за земјата, посебно за оние што сакаат со многубројни амандмани да го спречат донесувањето на законот, рече вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи од собраниската говорница.

Тој одговараше на прашањето на пратеникот Реџаиљ Исмаили, негов сопартиец од ДУИ, на денешната седница за пратенички прашања на која прашања до владата поставуваат само пратеници од власта. Исмаили се интересираше каков е ставот на претставници на земјите кои ги посетува Османи или се среќава со нив во земјава.

– Нема да кажам ништо ново ако го повторам фактот дека меѓуетничките односи се столбот на прогресот на оваа земја, и тоа беше консензус на сите земји од Западниот свет дека патот до Брисел поминува низ Охрид. Со тоа на метафорички начин, тој се вреднува како придонес кон идно членство во ЕУ и НАТО.  Законот за јазиците е последен легислативен дел од Охридскиот договор, но е и најчуствителното прашање – за употреба на мајчиниот јазик. Ставот на генералниот секретар на НАТО на оваа говорница пред неколку недели го слушнавте, го поздрави донесување на законот кога тој рече дека тој закон е услов за членство во НАТО – рече Османи.

Тој го спомена министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, за кого рече дека го поздравил законот како дел од Охридскиот договор.

– Ова и даде друга димензија на дебатата за употребата на јазиците. Кои се за или против законот за јазиците, всушност се во дебата за политичките определби на земјата. Определбата е за мултиетничко, демократско општество, каде ќе се ценат етничките диверзитети, вклучувајќи го и ставот од Берлин, кој вели дека законот мора да се донесе и да почнеме со имплементација. Така, сега има дебата на тие што се за донесување на законот и за заокружување на Охридскиот договор и имаат евроатлантска определба и на тие што се против и се против земјата – рече Османи.

Сепак, од изјавата на Лавров во Белград не се гледа дека тој „го поздравил“ законот, туку, сосема обратно, вели дека тоа е „вознемирувачки“.

– Примерите за тоа се доста вознемирувачки. Неодамна, кога беа одржани парламентарните избори во Македонија, претседателот на Парламентот, откако беше избран на функцијата, влезе во својот кабинет и на работната маса постави албанско знаме. Ова е во Македонија. Деновиве албанскиот премиер, Еди Рама, гордо кажа дека тој од Албанија го иницирал законот во Македонија со кој на албанскиот јазик му за дава статус на државен јазик во земјата – изјави Лавров одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата со Вучиќ, за време на неговата официјална посета на Србија.

На тој начин, рече шефот на руската дипломатија, се прекршува Охридскиот рамковен договор „кој сите ние го примивме како олеснување, бидејќи создаде основи за надминување на кризата во Македонија пред повеќе години“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...