Османи се заблагодарил на Гарет за упорноста во решавањето на политичката криза


       
Скопје, 3 јули, 2018 - 10:41 (META) 

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи се сретнал со амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија, Чарлс Гарет по повод завршувањето на неговиот мандат.

Османи се заблагодарил на Гарет за ангажманот, посветеноста и како што се вели во соопштението „упорноста да ни се помогне да ја пребродиме длабоката политичка и институционална криза, а потоа и да ја вратиме Македонија на евроатлантскиот пат“.

„За неполна недела, Лондон ќе биде домаќин на земјите од Западниот Балкан, кои заедно со претставниците на Европската унија, како дел од т.н. Берлински процес, ќе ја реафирмираат својата евроатлантска ориентација, ќе ги разгледаат предизвиците за унапредувањето на меѓусебната соработка, и ќе ги отворат можностите за побрза интеграција на Западниот Балкан во Европската Унија“, изјавил Османи.

Покрај стратешките цели на државата како што се ЕУ и НАТО интеграцијата, Османа посочил и на постигнатиот напредок во соработката во различни области: поддршка на реформите во македонската администрација, образованието, во правосудниот систем, демократијата и социјалната кохезија, реформи во безбедносниот систем итн.