!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Османи: Почнуваме агресивна кампања за реализација на реформските приоритети


       
Скопје, 19 јуни, 2017 - 15:11 (META) 

Владата почнува една агресивна кампања за постигнување на клучните реформски приоритети, за да постигнеме еден напредок во следните неколку месеци, кои ќе бидат посветени исклучиво на ЕУ-агендата, за потоа да може да ги почнеме и преговорите за пристапување кон ЕУ, рече вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, на прес-конференција.

Посочувајќи дека бидејќи е надмината политичката криза во Македонија, односно се исполнети двата централни услови – одржување фер, прифатливи и транспарентни парламентарни избори на 11 декември и почнување со спроведување на реформските приоритети, Османи рече дека посетата на Брисел минатата седмица била успешна, затоа што владината делегација била примена на највисоко ниво и наишла на позитивен пристап од врвот на ЕУ.

– Во рамките на подготовките на неколкумесечната агресивна кампања на Владата, одржавме и средби со министерства и со други институтии, а наскоро во разговорите за приоритетите ќе биде вклучен и граѓанскиот сектор – рече Османи.

Тој порача и дека во ЕУ-агендата треба да се вклучат сите партии – и од власта и од опозицијата, затоа што треба да се оствари напредок за целата држава, а тоа не е работа само на Владата, туку на сите во земјата.

Зборувајќи за владината посета на Бугарија, Османи рече дека според приоритетите на новата влада, делегацијата ќе се обиде да ја постави Македонија високо на агендата на Бугарија како претседавач на ЕУ во првата половина на следната година.

Вицепремиерот нагласи дека според платформата на албанските партии за нивно вклучување во сите горливи прашања, вклучувајќи го и проблемот за името, при утрешната посета на Софија ќе бидат присутни и министрите од албанскиот блок, за да се покаже дека сите заедно се подготвени да ги решаваат сите прашања од важност за земјава.

Вицепремиерот Османи нагласи дека за спроведување на агресивната реформска кампања е формирана реформска комисија, која ќе го дефинира акцискиот правец за реформите, кој ќе понуди мерки, цели и временска рамка.

– Со тоа, а по посетата на еврокомесарот Јоханес Хан в понеделник, на која ќе се консултираме за мерките, ќе се создаде конкретен план за чекорите што ќе се преземаат на ЕУ-агендата – рече Османи.