Османи од Тирана: Проширувањето на ЕУ нема да биде кредибилно без Македонија и Албанија


       
Тирана, 17 јануари, 2018 - 15:20 (META) 

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на посетата на Албанија се сретна со министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Дитмир Бушати со кого разговарал за развојот на билатералните односи меѓу двете земји.

– Сакаме јасно да истакнеме дека не постои кредибилност на процесот на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, без јасни перспективи за напредок на европските интеграции за Македонија и Албанија – изјавил Османи, пренесува Секретаријатот за европски прашања.

Според Османи, Македонија и Албанија заслужуваат соодветно место во Стратегијата за проширување на Европската Комисија, најавена од нејзиниот претседателот Жан Клод Јункер, а која се очекува да биде објавена на почетокот на февруари.

Вицепремиерот побарал директна поддршка од Албанија за полноправно членство на Македонија во НАТО.

Покрај средбата со Министерот Бушати, вицепремиерот Османи оствари средба и со претседателот на Република Албанија, Илир Мета, претседателот на Собранието Грамоз Ручи, а во агендата е предвидена и средба со претседателот на Демократската партија, Лулзим Баша.

Посетата на Тирана е дел од мини балканската турнеја која вицепремиерот Османи ја започна со посетата на Атина на почетокот на месецов и истата се очекува да продолжи со посета на Белград, а потоа и на Софија.