Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и косовската министерка за европска интеграција Дурата Хоџа на денешната средба во Скопје ја потенцираа заложбата на двете земји за европската перспектива на регионот, како и соработка во оваа насока меѓу двете земји.
– Македонија и Косово ја имаат истата цел- пристапување во ЕУ. Верувам дека можеме да се поддржиме во процесот на интеграција во ЕУ со континуиран, отворен и конструктивен дијалог – рече вицепремиерот.
Османи рече дека Македонија е подготвена да му помогне на Косово во процесот на евроинтеграциите, преку споделување на стекнатите искуства и знаења при спроведување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Тој истакна дека Косово ќе ја добие целосната поддршка од страна на Македонија за нивните евроатлантски аспирации.
Двајцата министри ја повториле и поздравиле иницијативата за одржување заедничка седница на владите на двете земји, во рамките на воспоставените институционални механизми со потпишаниот Договор за соработка во областа на европската интеграција, а ги разгледале и заедничките проекти во рамките на Берлинскиот процес, како и можното воспоставување заедничка царина.
Османи на средбата потврдил и дека се работи на спроведувањето на стратешкиот проект во рамките на ИПА за прекугранична соработка, граничниот премин Белановце- Станчиќ, и подвлекол дека ќе стори сè што е во рамките на неговите надлежности како НИПАК за навремено завршување на сите постапки, за што побара заложба и од косовската страна.