Османи го претстави планот „18“ пред претставници на ВМРО-ДПМНЕ


       
Скопје, 8 јуни, 2018 - 16:42 (META) 

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заедно со претставниците на Секретаријатот за европски прашања, го презентираше планот „18“ пред претставниците на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ

Тој на средбата им се заблагодарил за конструктивната улога која ја имала опозицијата во имплементацијата на реформите од планот „3-6-9“.

-Имам целосно разбирање за потребата на опозицијата да гради алтернативни политики од оние на Власта, но, апелирам, за суштинските реформи, за евроатланската перспектива но и за стратешките интереси на земјава, да изградиме политички и севкупно, општествен консензус, кој ќе претставува катализатор на напредокот на земјата – изјави Османи.

Вицепремиерот им ги преставил клучните области од новиот реформски план како и досегашните предлог мерки на планот, како основа на која во претстојниот период Секретаријатот за Европски прашања ги собира, систематизира и обработува сите предлози кои доаѓаат од Делегацијата на Европската Унија, администрацијата на ЕУ во Брисел, домашниот граѓански сектор, експертската јавност, и секако, од опозицијата.

-Вашите предлози, коментари и евентуални забелешки, имаа посебен третман во дефинирањето на целовитоста на планот „18“, имајќи ја предвид интенцијата на Владата и владејачкото мнозинство, за изградба на политички консензус, и тоа не само за законите кои упатуваат на тоа поради потребата од двотретинско мнозинство, туку како клучна политичка придобивка која упатува на сериозноста на државата – изјави Османи

Тој истакнал дека реформите од планот „18“ имаат и суштинско значење во изградбата на поквалитетен живот за сите граѓани на оваа земја, подобри услови за водење бизнис, поголем економски напредок, повеќе работни места, повеќе правда и создавање на подобро општество.