Османи – Брегу: Македонија, практично, ги затвори сите отворени прашања со соседите


       
Скопје, 21 јануари, 2019 - 17:08 (META) 

Со имплементација на договорот од Преспа, но и претходно, преку историскиот Договор за добрососедство со Бугарија, Македонија во моментов ги има затворено практично сите поважни отворени прашања со соседите и претставува предводник на регионалната соработка на Балканот.

Со таква порака се обрати македонскиот вицепремиер Бујар Османи на средбата со Генералната секретарка на Регионалниот совет на соработка (РСС), Мајлинда Брегу.

Вицепремиерот Османи на својата соговорничка ѝ посака успех во извршување на новата функција, на која беше назначена на почетокот на годинава. На средбата се разговарало за регионалната соработка, со посебен осврт на заедничката Регионалната економска област на Западниот Балкан.

– Денешната посета на г-ѓа Брегу се совпаѓа со финализацијата на едно од најголемите билатерални прашања на Балканот – конечната имплементација на Договорот од Преспа во Македонија и Грција. Овој успех е секако во насока и на унапредувањето на регионалната соработка, особено како поттик за позитивен пристап и отвореност за компромис при решавањето и на останатите билатерални прашања во регионот – истакна Османи.