Шпанскиот Врховен суд одлучи да пушти на слобода шест од осум членови на поранешната каталонска влада, кои се сменети и уапсени по прогласувањето независност.
Судот, меѓутоа, го одби барањето за ослободување со кауција на поранешниот каталонски потпретседател Ориола Жункерас и регионалниот министер за внатрешни работи Жоаким Форна.
За шестeмина поранешни членови на каталонската влада кои беа притворени во рамките на истрагата за вмешаност и незаконско еднострано прогласување независност на 27 октомври, им е одредена кауција во износ од 100.000 евра.
Истовремено одлуката за испорачување на Шпанија на поранешниот каталонски претседател Карлес Пучдемон и четворица членови на неговата сменета влада, ќе биде донесена на 14 декември, седум дена пред регионалните избори во Каталонија.
Пучдемон и неговите министри одбиваат да се вратат во Шпанија каде што се обвинети за бунт и за злоупотреба на јавните фондови поради што би можеле да добијат повеќедецениска казна затвор.