Ослободени 70 курдски заложници во воена операција на САД и на Ирак


       
Багдад, 22 октомври, 2015 - 19:06 (META) 

Седумдесетина Курди кои биле држени како заложници од милитантите на Исламска држава (ИД) во Ирак, биле ослободени во воена операција што денеска ја извеле сили на Соединетите Американски Држави (САД) и на Ирак, пренесуваат американските медиуми.

Според сè уште непотврдени информации, во спасувачката операција загинал еден војник на САД.

Воената операција се случила утрово, во близина на градот Хавиџа, во провинцијата Киркук, населена претежно со курдско население. Во неа, како што пренесува „Њујорк тајмс“, биле заробени и неколку милитанти на ИД.

Според извештаите на медиумите во САД, во акцијата, покрај американски и ирачки војници, учествувале и специјалци на курдските сили, кои изминативе недели се борат за преземање на селата во провинцијата Киркук што се под контрола на милитантите на ИД.