This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Sat Jun 24 17:30:28 2017 / +0000 GMT

Ослободен началникот на СВР Куманово, обвинува за монтиран случај и за заплашување




Началникот на СВР Куманово, Стојанче Величковиќ, кого полицијата вечерва се обиде да го уапси, е пуштен откако полицијата, по наредба на Основно јавно обвинителство, извршила претрес во неговиот дом.

Величковиќ рече дека полицајците влегле во неговиот дом во 16.40 часот, дека извршиле претрес и дека барале документи и списи од изборите.

- Во 16.40 дојдоа, упаднаа кај мене дома со униформи, со маски и со автомати и ми го преплашија семејството. Почнаа да прават претрес. Не гледам каде сме направиле грешка затоа што изборите беа спроведени фер и демократски. Ова е монтиран процес од Митко Чавков и инспектори што се заштитени како бели мечки. Сакаат да ме заплашат за победата во Куманово. Сакаат да ме затворат и да ме заплашат. Изборите во Куманово беа спроведени регуларно. Инспекторот беше коректен, ми соопшти дека се работи за некоја наредба, бараа некои списи кај мене. Ми го гледаа тефтерот, бараа некои документи. Наредбата е од Основно јавно обвинителство од Скопје. Целта е да ме заплашат зашто работам професионално. Ова е тенденциозно, фингирано, но јас ќе ја истерам ситуацијата до крај – вели Величковиќ.

Пред Величковиќ, изјава даде градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски, кој рече дека обидот за апсење е дрзок, но ги повика граѓаните да го сочуваат мирот.

- Денеска се случи немил настан. Веќе видена работа. Не можат да ги прифатат нивните неуспеси на изборите. Упаднаа во куќата на началник, а зошто, не знае ни тој самиот. Сметам дека ова што го прават е крајно дрско, особено во оваа драматична ситуација за Македонија зашто уште се пребројуваат гласовите. Се обраќам до сите граѓани да го соочуваат мирот и достоинството и да се бориме со демократски средства за слободата – рече Дамјановски.

Додека полицијата беше во домот на Величковиќ, пред куќата се собраа група граѓани да му дадат поддршка. Тие извикуваа „Нема правда, нема мир“.