!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Општина Гостивар ќе има буџет околу 18 милиони евра во 2017 година


       
Гостивар, 27 декември, 2016 - 16:00 (META) 

Oпштинската каса на Гостивар за наредната година ќе тежи 1.098.684.000 денари или околу 18 милиони евра. Советот на Општината го усвои буџетот на денешната седница со мнозинство гласови и без многу расправа.

Според објаснувањето што го дадоа од секторот за финансии, буџетот најмногу ќе се полни од трансфери и од дотации, кои во вкупните приходи учествуваат со 64 проценти. По нив следуваат средствата од даноци со 20,9 проценти, во кои влегуваат данокот на имот, данокот на доход и други.

– Што се однесува до расходите, 52,3 проценти отпаѓаат на плати и на надоместоци, додека за капитални инвестици се предвидени 23,5 проценти од вкупните расходи. Во буџетот се предвидени и пари за трошоци наменети за локалните избори што ќе се одржат наредната година и тоа во висина од 5,7 милиони денари. Во капиталните расходи, 30 милиони денари се наменети за првата фаза од изградбата на новиот градски плоштад во Гостивар – изјава Фиторе Алигега од секторот за финансии на Општина Гостивар.

Споредено со 2016 година, буџетот на Општина Гостивар за наредната година е зголемен за повеќе од 5 милиони денари.

Годинешниот буџет, според анализите на секторот за финасии, има реализирација од 91 процент. На дневен ред на денешната седница се најдоа и општинските програми за образование, спорт, култура, социјала, како и програмите за работа на јавните претпријатија за наредната година.