!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Опел“ и „Воксхол“ станаа дел од ПСА, се роди вториот најголем европски автопроизводител


       
Риселхајм, 1 август, 2017 - 13:07 (META) 

„Опел аутомобил ГмбХ“, со своите две марки „Опел“ и „Воксхол“ од денеска е во сопственост на францускиот автопроизводител ПСА, кој ги произведува автомобилите „Пежо“, „Ситроен“ и „ДС“. По половина година преговори, денеска е официјализиран договорот со кој „Џенерал моторс“ ги продава контролните пакети на „Опел“ и на „Воксхол“ на Французите. „Опел“ 88 години беше во сопственост на американскиот автопроизводител.

Според претседателот на ПСА, Карлос Таварес, денеска се раѓа вистински европски шампион, кој ќе покрива 17 отсто од европскиот автомобилски пазар.

– Ќе им помогнеме на „Опел“ и на „Воксхол“ да се вратат во профитабилност и заеднички ќе поставуваме нови стандарди во индустријата. „Опел“ ќе остане германски, а „Воксхол“ ќе остане британски – рече Таварес.

Прв човек на германската и на британската марка и понатаму ќе биде Михаел Лохшелер. Тој се надева дека во 2020 година тие ќе почнат да остваруваат профит.

Соработката на „Опел“ и на „Воксхол“ со „Џенерал моторс“ ќе продолжи уште неколку години и ќе се соработува на планот на електричен погон, а фабриките на двете компании ќе продолжат да произведуваат автомобили за марките „Бјуик“ и „Холден“.