fbpx

ОЈО „призна“ дека упадот во Собранието не е дело на толпа туку на злосторничко здружение

-

Основното јавно обвинителство денеска соопшти дека во истрагата за насилствата во Собранието на Република Македонија од 27 април се вклучува Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, бидејќи по разгледувањето на доказниот материјал било утвредено дека „постои содејство на неколку осомничени во целокупните збиднувања во објектот на Собранието во надворешниот појас и во внатрешноста на објектот во целина“.

Ова значи дека од доказниот материјал што го има обвинителството произлегуваат сомнежи дека насилствата во Собранието не се исклучиво дело на поединечни лица „кои ги понела толпата“, како што беше досегашната квалификација на кривичните дела, туку дека тие се планирани и спроведени од организирана група за постигнување одредена корист.

Адвокатот Звонко Давидовиќ за „Мета“ вели дека Обвинителството „конечно се свестило“ дека станува збор за настан организиран со план и за дело на злосторничко здружение.

– Од самиот почеток беше јасно дека ова е организирано со план и спроведено од злосторничко здружение, на што укажуваат повеќе елементи, односно тоа што МВР било оневозможено навреме да реагира со затајувањето на златната команда, отворањето на вратите на Собранието од пратеници, тепањето на пратениците и обидот да се заштитат учесниците во настанот. Досегашната квалификација на делата (учество во толпа, н.з.) беше смешна. Имено, ако во објект со највисок степен на безбедност може да влезат луѓе и да претепаат пратеници, што станува со обичен човек на улица? На крај, се свестија од обвинителството – вели Давидовиќ.

Тој во случајов му забележува на ОЈО Скопје дека не до крај или спротивно на Законот за кривична постапка, затаило во истрагата, непотребно чекајќи првин МВР да поднесе кривични пријави, па дури потоа да почне истрага, иако веќе ги имало сите докази.

Воислав Стојановски, правен советник во Хелсиншкиот комитет за човекови права, вели дека соопштението на Обвинителството е нејасно околу тоа поради што конкретно ОЈО Скопје смета дека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција треба да ја преземе истрагата, но додава дека постојат елементи што укажуваат на тоа дека ова обвинителство е надлежно за расчистување на случајот.

Инаку, според членот 31 од Законот за јавно обвинителството, ОЈО за гонење организиран криминал и коруција е надлежно да постапува:

  • за кривични дела извршени од структурирана група од три или повеќе лица, која постои одреден временски период и дејствува за да изврши едно или повеќе кривични дела за кои е предвидена казна затвор од најмалку четири години, со намера директно или индиректно да стекне финансиска или друга корист;
  • за кривични дела извршени од структурирана група или злосторничка организација на подрачјето на Република Македонија или други држави или кога кривичното дело е подготвено или планирано во Република Македонија или во друга држава;
  • за кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување, примање поткуп од значителна вредност и противзаконито посредување, извршени од избран или именуван функционер, службено лице или одговорно лице во правно лице и
  • за кривични дела неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, перење пари и други приноси од казниво дело од поголема вредност, терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, давање поткуп од значителна вредност, незаконито влијание врз сведоци, злосторничко здружување, терористичка организација, тероризам, кривични дела трговија со луѓе, кривични дела криумчарење со мигранти, трговија со малолетно лице и за другите кривични дела против човечноста и меѓународното право од Кривичниот законик, независно од бројот на сторителите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Двете изборни среди училиштата ќе ги одработуваат на 18 мај и на 1 јуни

Основните училишта во текот на вчерашниот ден добиле известување од Министерството за образование и наука (МОН), дека деновите во кои ќе се одржат изборите, ќе треба да се одработат...