ОЈО отвори постапка против осомничениот што запали кафе бар во Прилеп


       
Прилеп, 5 јануари, 2018 - 13:32 (META) 

Основното јавно обвинителство Прилеп отвори постапка по поднесена кривична пријава против 24-годишниот прилепчанец кој на 31 декември, минатата година, предизвика пожар во кафе бар во центарот на градот.

Прилепчанецот се гони за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, бидејќи со подметнувањето на пожарот предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето.

Како што информираат од Обвинителството, осомничениот претходниот ден имал расправија со еден од вработените и со менаџерот на кафе барот „Паб корнер“, кој го напуштил без да го подмири долгот и се заканил дека ќе го запали објектот бидејќи бил навреден.

„Осомничениот купил три шишиња запалива течност и во три часот се вратил во пабот, му се претставил на вработениот хигиеничар и веднаш ја полил течноста и ја запалил. Со ваквото дејствие, осомничениот предизвикал значителна материјална штета и го сторил кривичното дело за кое го гони Основното јавно обвинителство Прилеп“, стои во соопштението од Основното јавно обвинителство.

На барање на обвинителот, Основниот суд во Прилеп на осомничениот му одреди мерка притвор од 30 дена.