Бобан Павловски од Охрид го фати крстот што денеска напладне во реката Вардар, од мостот Слобода во Скопје, го положи поглаварот на Македонската православна црква, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Павловски по повод фаќањето на крстот доби икона, златник и други подароци. Тој на сите им посака здравје, среќа и бериќет.
На чинот на положувањето на крстот во реката Вардар во Скопје, присуствуваа премиерот Емил Димитриев и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, пред големиот број присутни граѓани порача дека верските празници треба да нè потсетат дека треба да живееме според законите и заповедите на верата и да создаваме дела „достојни за нашето човечко и христијанско постоење“.
– Како христијански народ, особено оваа наша генерација, да се прашаме дали ја исполнуваме најсветата обврска и пред родот и пред Бога, дали во нашите постапки го има потребното човекољубие и родољубие и колку нашите меѓусебни односи го потврдуваат нашето богољубие – рече г.г. Стефан.
За учество на манифестацијата „Водици 2017“ годинава беа пријавени повеќе од 100 граѓани, а кум е сопственикот на ресторанот „Стара куќа“, Димитриј Јовановиќ.