!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Охриѓанецот Бобан Павловски го фати крстот во реката Вардар во Скопје


       
Скопје, 19 јануари, 2017 - 13:26 (META) 

Бобан Павловски од Охрид го фати крстот што денеска напладне во реката Вардар, од мостот Слобода во Скопје, го положи поглаварот на Македонската православна црква, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. ­

Павловски по повод фаќањето на крстот доби икона, златник и други подароци. Тој на сите им посака здравје, среќа и бериќет.

На чинот на положувањето на крстот во реката Вардар во Скопје, присуствуваа премиерот Емил Димитриев и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, пред големиот број присутни граѓани порача дека верските празници треба да нè потсетат дека треба да живееме според законите и заповедите на верата и да создаваме дела „достојни за нашето човечко и христијанско постоење“.

– Како христијански народ, особено оваа наша генерација, да се прашаме дали ја исполнуваме најсветата обврска и пред родот и пред Бога, дали во нашите постапки го има потребното човекољубие и родољубие и колку нашите меѓусебни односи го потврдуваат нашето богољубие – рече г.г. Стефан.

За учество на манифестацијата „Водици 2017“ годинава беа пријавени повеќе од 100 граѓани, а кум е сопственикот на ресторанот „Стара куќа“, Димитриј Јовановиќ.