„Охридската” црвена супер Месечина пред научниците од НАСА


       
Охрид, 28 септември, 2015 - 16:06 (META) 

Синоќешниот редок феномен на црвена супер Месечина над Охридското Езеро и на охридското небо, беше фото-документирана од охридскиот фотограф Стојан Стојановски.

Како член на аматерското астрономско друштво од Охрид, Стојановски е специјализиран за фотографирање астрономски појави.

Стојановски направи неколку исклучителни фотографии, каде ја долови во вистинско светло Месечината во целиот нејзин сјај.

Фотографот Стојановски соработува и снима за потребите на научниците од НАСА, за чија страница доставува фотографии од астрономски случувања.

Младиот фотограф досега има направено бројни фотографии од затемнувања на Сонцето, метеорски дождови, а исто така пред неколку години ја фотографираше кометата Pan-STARRS, па фотографијата беше објавена на порталот на НАСА.

Вчера се случуваше редок феномен на совпаѓање на неколку појави, полна Месечина, месечина „жетва“ или „двојна полна Месечина“, како што стручно се нарекува, супер Месечина, а исто така и затемнување на Месечината. Овој настан е редок и веројатноста да се повтори е дури за 18 години.