Охрид солидно посетен, на плажите како во сезона


       
Охрид, 20 септември, 2015 - 10:44 (META) 

Македонскиот туристички центар Охрид викендов е солидно посетен, додека сликата од плажите е како во тек на главната туристичка сезона. Најбројни се посетителите од странство, но допатуваа и помал број викенд-туристи од земјата.

Во новоотворениот хотел „Тино“ во туристичката населба Свети Стефан, велат дека до 26 мај, немаат место „ниту за лек“.

Овој современ објект, со отворен и со затворен базен, ексклузивен бањски центар е хит на сезоната, но тој е и илустрација за пост-сезоната во Охрид.

– Имаме резервации на групи туристи од Турција и од Холандија, а за октомври имаме најави за групи на туристи од Израел и од други странски земји. Бидејќи располагаме со затворен базен и нудиме други придружни услуги, сметаме дека ќе бидеме атрактивни и во текот на есенскиот период – велат од хотел „Тино“ во Свети Стефан.

Интересот за Охрид кај странците и убавото време во втората половина на септември, придонесоа Охрид да биде солидно исполнет.

Туристи од Холандија, Белгија, Турција, Полска, Данска, Израел, Бугарија, Србија, од земјите на Блискиот Исток, па сè до поделечните азиски земји, секојдневно се присутни на плажите, во рестораните, на шеталиштата, кај спомениците на културата во старото градско јадро.

Паралелно се одвива и т.н конгресен туризам, со значајни домашни и меѓународни собири.

Хотелиерите се задоволни и велат дека гостите од земјите на Бенелукс, кои во текот на летото беа најбројните туристи на охридската ривиера, ќе доаѓаат во Охрид до средината на октомври.

Последната група од Холандија преку „Корендон“ заминува на 13 октомври, а последната група од тур-операторот ТУИ треба да замине на 8 октомври.

Од хотелскиот комплекс „Метропол“, најголемиот сместувачки капацитет во земјата, велат дека во текот на есенските месеци, до средината на ноември, голем број странски гости ќе престојуваат кај нив, како од западноевропските земји, така и од Балканот, од Блискиот Исток и од подалечна Азија.

Освен во хотелите, во текот на есента, голем број гости се очекуваат и во приватното сместување.

Индивидуални резервации има од српски и од бугарски туристи, но се очекуваат и домашни туристи за време на викендите, особено за време на продолжениот викенд, за празникот 11 Октомври.