fbpx

Оградата за депонијата со линдан во Пеленица ќе биде прва јавна набавка во 2019 на МЖСПП

-

Оградувањето на дивата депонија со високо токсичен и канцероген линдан во Пеленица, Драчево, ќе биде првата јавна набавка на Министерството за животна средина и просторно планирање во оваа година, потврдуваат од таму за „Мета“.

Иако првично беше најавено дека депонијата ќе се огради до крајот на годината што измина, тимот на „Мета“ вчера беше на локацијата и на терен не забележа некаква активност.

Државната секретарка од МЖСПП, Ана Петровска, за „Мета“ вели дека се уште траат спецификациите за оградата и дека таа најверојатно ќе биде поставена до крајот на месецот.

– Уште се прават спецификациите за самата ограда. Кога ќе бидат готови ќе објавиме јавен повик за фирма која што ќе ја огради локацијата. Бидејќи уште не знаеме каде е точно линданот и на колкава површина се протега мораме да бидеме внимателни со спецификациите односно колкав простор ќе биде ограден. Се надевам дека до крајот на следната недела ќе бидат готови спецификациите и ќе се објави јавниот повик и дека до крајот на месецот ќе се постави оградата. Ова ќе биде прва јавна набавка на Министерството за животна средина – вели Петровска.

„Мета“ објави дека во околината на Драчево, во месноста Пеленица, постои илегална депонија на која се наоѓаат неколку илјади тони токсичен отпад линдан кој потекнува од фабриката ОХИС и таму го фрлале работници пред да се направат големата и малата депонија на територијата на фабриката каде што се проценува дека има помеѓу 40-50.000 тони контаминирана почва со линдан.

На ова место основните училишта редовно одржуваа детски екскурзии кои Министерството за образование и наука по пишувањето на „Мета“ забрани да се одржуваат.

Линданот од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом. Долготрајната изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Откажани денешните и утрешните летови меѓу Скопје и Виена поради протест на вработените во „Аустриан Ерлајнс“

Вработените во „Аустриан Ерлајнс“ денеска, четврток и утре, петок (28 и 29 март) штрајкуваат поради несогласувања околу платите, што резултираше со откажување на околу 400 летови, што, пак, ќе...