Одложено судењето за „Титаник“


       
Скопје, 2 мај, 2018 - 12:18 (META) 

Во Основен суд Скопје 1 денеска повторно се одложи рочиштето за предметот „Титаник“ и следното рочиште е закажано за 9 мај. Судијата Осман Шабани пред сите обвинети соопшти дека денешното рочиште се одлага затоа што Врховниот и Апелацискиот суд се уште не ги доставиле одговорите на барањето за изземање на в.д. претседателот на Апелацискиот суд и неговиот заменик, како и на претседателот на Кривичниот суд и и неговиот заменик.

Во случајот на СЈО „Титаник“ се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните владини функционери или функционери на ВМРО-ДПМНЕ Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска – Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски.

Осомничени се за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.