fbpx

Одложен почетокот на судскиот процес за случајот „Ќелија“

-

Денешното рочиште од судскиот процес за случајот „Ќелија“, кој се води против пет лица обвинети за регрутирање и за учество во паравоени формации на Блискиот Исток, е одложено откако адвокатот на еден од обвинетите побара дополнителен увид во доказите.

Покрај тоа, како што пренесува „Академик“, адвокатот Ефто Спировски, кој е бранител на обвинетиот Иса Фуга, рекол дека неговиот клиент изразил подготвеност да ја признае вината за едно од делата што му се ставаат на товар, бидејќи не можел да ги истрпи условите во затворот „Скопје“, во Шуто Оризари, каде издржува мерка притвор.

„Јас сум ангажиран да го бранам Иса Фуга преку неговиот татко и иако нашите ставови не се совпаѓаат, јас морам да ја следам желбата на Иса изразена преку неговото семејство. Тие ме информираа дека тој не може да ги истрпи условите во притворот, дека 10 квадратни метри во затворот влијаат тој да стане емотивно лабилна личност, поради што изразил волја да признае едно од делата што му се ставаат на товар“, рекол Спировски.

На ова, судијата Ѓоко Ристов, кој го води процесот, посочил дека не може да се прави преквалификација на делото, ниту да се издвои признанието за вина за само едно дело.

Обвинителот од Обвинителството за организиран криминал и корупција, Владимир Милошевски, при денешното образложение на обвинителниот акт, навел дека доказите обезбедени во истрагата укажуваат дека лицата ги извршиле делата за кои се товарат.

„Кривичните дела се докажани од прибраните материјални докази и од доказите обезбедени преку посебни истражни мерки и преку анализа на средствата за електронска комуникација што ги користеле обвинетите. Од нив се забележува меѓусебна комуникација, но и комуникација со трети лица кои се наоѓаат на воените жаришта и кои се дел од паравоени формации, како и со лица кои дејствувале како поддршка за превоз до воените жаришта и вклучување на лица во воени дејства“, навел Милошевски, додавајќи дека Обвинителството има докази дека обвинетите биле вклучени и во организирање превоз, опремување, обучување или на друг начин помагање на лица кои ќе заминат на воени жаришта.

Во случајот „Ќелија“ обвинети се Иса Фуга, Абдула Абдулахи, Ерол Рустеми, Имери Мухамед и Стефан Стефановски. Тие се товарат за кривичното дело учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, според членот 322-а од Кривичниот законик.

Претходно, шестмина обвинети во случајот склучија спогодба со Обвинителство и беа осудени на вкупно 32 години затвор, откако ги признаа делата за кои се товарат.

Рочиштето за случајот „Ќелија“ е презакажано за 16 мај.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Синдикатот на Пошта бара нова систематизација, најавува протести и штрајк

Синдикатот на Македонска пошта најави дека во соработка со вработените и со ангажирање на експерти ќе подготви нова систематизација што ќе ја достави до новата влада со барање истата...