!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

#Одговорност се рампи за лицата со телесен инвалидитет


       
Скопје, 30 октомври, 2016 - 10:00 (META) 

Во Македонија, во 21 век, лицата со физички хендикеп не само што сè уште имаат тешкотии да влезат во некои објекти, туку, да биде иронијата поголема, најголем проблем имаат да пристапат во образовните институции и тоа можат да го сторат само на првиот кат!

За непоставени пристапни рампи за лица со посебни потреби, државата може да земе максимална сума од 81.000 евра, како казна, од сите правни и физички лица инволвирани во изработка на проектната документација, а сепак сè уште има многу објекти што на влезот имаат само скали.

Од Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија велат дека пристапни рампи на приземје има само во неколку високообразовни институции, а студентите не можат да стигнат до предавалните, кабинетите и до тоалетите кои се на погорниот кат.

Во Националниот сојуз евидентирале пријава и жалба од студент дека не може да отиде на предавање на Институтот за социјална политика, бидејќи немал како да стигне до кабинет.

Пристапните рампи, дури и ако ги има, често се блокирани од паркирани автомобили, а видливо обележаните места за паркирање за инвалиди се редовно зафатени со автомобили на други лица.

Според пресметките, за да се изгради наједноставната коса рампа под агол што ќе овозможи непречено искачување на тркалата на инвалидска количка, потребни се 100 до 200 евра. Поради таа минимална сума, за оние со инвалидска количка непристапни се станбените згради на роднините или пријателите, рестораните, кафулињате, амбасадите, институциите…

Владата во 2014 година усвои низа законски измени со кои требаше да се влијае врз подобрувањето на условите за лицата со инвалидност и нивни непречен пристап до сите деловни објекти и до сите станбени згради. 

Светската конвенција за правата на лицата со попреченост, која стапи на сила во 2008 година и ја имаат потпишано 156 земји, предвидува сите објекти да имаат пристапни рампи за инвалиди, а лифтовите да бидат прилагодени за пристап на телесни инвалиди и на слепи лица.