Одбраната побара изземање на судиите во „Траекторијa“


       
Скопје, 17 април, 2018 - 14:28 (META) 

Одбраната на обвинетите во судењето „Траекторија“, по обвинение на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) на денешното рочиште побара изземање на Судечкиот совет, како и на претседателот на Кривичен суд, Иван Џолев, и на судии од Апелацискиот суд.

Адвокатот Еленко Миланов рече дека изземањето го бараат поради информации и изнесени од специјалната обвинителка Катица Јанева на една телевизија дека во снимените аудио материјали кои се во СЈО има и судии и обвинители.

Со истото образложение, адвокатите на обвинетите, поранешни високи државни функционери, бараше изземање на судиите и во други случаи на СЈО.

Претседателот на Судечкиот совет Горан Бошевски рече дека барањето за изземање на Џолев и на судии од Апелација е неосновано и се отфрла. Барањето, пак, за изземање на членовите на Судечкиот совет ќе биде доставено на одлучување до претседателот на Кривичен суд Иван Џолев. Тој треба да се произнесе најмногу за три дена.

Во „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Тие денеска дојдоа во Кривичниот суд.

Обвинети се дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.