Одбиено барањето за изземање на судечкиот совет за „Траекторија“


       
Скопје, 17 април, 2018 - 15:47 (META) 

Рочиштето за предметот „Траекторија“ на СЈО попладнево продолжи откако судијата Горан Бошевски соопшти дека е одбиено како неосновано барањето на одбраната за изземање на судечкиот совет и судиите поротници. Адвокатот Еленко Миланов, којшто го побара тоа рече дека одбивањето на барањето за изземање на судечкиот совет и отфрлањето на барањето за изземање на претседателот на Кривичен суд Иван Џолев и судии од Апелација е спротивно на правото.

Во „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Тие денеска дојдоа во Кривичниот суд.

Обвинети се дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.Според СЈО со противправното дејствување на обвинетите кинеската компанија „Синохидро“ се стекнала со имотно-правна корист од 155.117.256 евра, а износот на штета претставува разлика меѓу износот на цена што како држава ја плаќаме на „Синохидро“ и цената што оваа компанија им ја плаќа на подизведувачите.