Вечерва почнува финалето на македонскиот кошаркарски плејоф


       
Скопје, 29 мај, 2015 - 11:19 (META) 

Вечерва, во Спортскиот центар „Јане Сандански“, со почеток во 19 часот, се игра првиот финален натпревар меѓу МЗТ Скопје Аеродорм и Куманово од борбата за шампионската титула во кошаркарското првенство на Македонија.

Актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродорм одбраната на титулата ќе ја почне на домашен терен, што е голема предност врз основа на резултатите на тимовите одиграни досега.

За МЗТ Скопје ова ќе биде 10. финале во плејофот, а имаат три титули (2012, 2013 и 2014 година), додека Куманово беше финалист само во 2002 година.

Оваа сезона меѓусебните дуели на двата тима резултираат со 3-1 во победи за МЗТ Скопје. Финалната серија се игра до три победи, со тоа што домаќинот наизменично ќе се менува (1-1-1-1-1), а доколку се играат пет натпревари, шампионот ќе биде познат на 7 јуни.