fbpx

Од петокот по полноќ, ниту трага од исчезаниот Уран Купа, телохранител на струшкиот градоначалник

-

Полициската станица од Струга во саботата, на 7 февруари, извести дека претходната ноќ, околу 1:15 часот, во станица, 50-годишниот Б.К. од селото Велешта пријавил дека бил исчезнат неговиот син, 27-годишниот Уран Купа.

Оттогаш на исчезнатиот, за кого подоцна се дозна дека бил вработен во Општина Струга како шеф на обезбедувањето на градоначалникот, му се губи секаква трага. Од СВР во Охрид информираа дека полицијата интензивно работи на решавање на случајот од моментот на пријавувањето.

Портпарполот Стефан Димоски вели дека во интерес на СВР од Охрид и на ПС од Струга е случајот да се реши што поскоро.

– Сите наши сили и активности се насочени кон пронаоѓање на исчезнатото лице – додава Димоски.

Во меѓувреме, семејството на исчезнатиот Купа упати апел до граѓаните да помогнат во неговото пронаоѓање.

– Апелираме до сите граѓани што ја читаат оваа порака да ни помогнат во пронаоѓањето на лицето Уран Купа, на возраст од 27 години, од село Велешта, Струга, за кого немаме никаква информација каде може да биде. Лицето е исчезнато од 6 февруари, а последен контакт со фамилијата имал околу 19 часот истиот ден. Сите кои можеби имаат информации во врска со исчезнувањето на лицето, да се јаваат на телефонскиот број 072-747-400 или во најблиската полициска станица (192) – стои во апелот на семејството на исчезнатиот Уран Купа.

Уран Купа (27), жител на Велешта, вработен во Општина Струга како лично обезбедување на градоначалникот Зијадин Села, се води за исчезнат од 6 февруари, кога последен пат бил виден во јавност. Тој попладнето излегол од својот дом со автомобил „ауди а4“ на прошетка, а последен пат бил виден околу 19 часот на улица Ристо Крле, по што му се губи секаква трага. Случајот во полицијата го пријавил неговиот татко во 1.15 часот на 7 февруари.

Градоначалникот на Струга, Зијадин Села, смета дека неговиот вработен е киднапиран и упати апел до граѓаните да пријават доколку имаат каква било информација која може да помогне да се пронајде Уран Купа и побара од надлежните институции одговор за случајот.

Од полицијата не сакаат да ги коментираат изјавите на градоначалникот Зијадин Села и го повикуваат да соработува со полицијата за побргу да се расветли овој случај.

– Вечерта кога се случил настанот, во Струга имало полициски службеници во цивил од други места кои вршеле легитимирање без знаење на ПС во Струга. Тоа е индикативно и ни става на знаење дека органите за безбедност треба да имаат некакви информации, но, за жал, нема трага од нашиот вработен, што е доказ дека киднапирањето е извршено од професионалци – вели Села.

Градоначалникот Села изрази сомнеж дека вработениот кој се води за исчезнат можеби е предмет на полициска истрага.

– Ако е притворен, бараме да ни се каже. Доколку некој го прекршил законот, треба да одговара, но нема да се толерираат повеќе вакви работи во Струга затоа што не е првпат на ваков начин да исчезнуваат луѓе од нашиот град – обвинува Села.

За случајот се информирани претставници на меѓународната заедница во земјата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...