This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Fri Sep 21 15:34:24 2018 / +0000 GMT

Од пештерата во Тајланд спасени и последното момче и тренерот




Специјалците „фоки“ од тајландската Воена морнарица предмалку соопштија дека од пештерскиот систем, каде беа заглавени од 23 јуни годинава, се спасени и последното момче и тренерот.

Излегувањето од отворот на пештерите Там Луанг на нуркачите и на момчето, беше поздравено со бурен аплауз и френетични извици. Четиримина нуркачи остануваат внатре во пештерите „за секој случај“, велат од тајландската армија, иако со сигурност се знае дека сите заглавени се спасени, а се водеше евиденција и за нуркачите.

Тие ќе бидат пренесени в болница, каде ќе бидат под лекарска нега и набљудување во следните денови.

Првите четири момчиња беа спасени во неделата, а четири во понеделникот, а другите денеска.

Денеска е третиот ден од спасувачката операција за 12-те момчиња, млади фудбалери, и тренерот кои повеќе од две седмици беа заглавени во пештерата во Тајланд, која беше поплавена, па нуркачи им носеа канистри со кислород и храна и пијалоци. Притоа нуркач загина во петокот, кога му снемало кислород враќајќи се од местото каде што беа момчињата.

Системот пештери и пештерски канали, дел поплавени, при што мора да се нурка, а преку кој се извлекуваат момчињата, е долг четири километри. При секое поединечно спасување во изминативе три дена, двајца нуркачи придружуваа а по едно момче и го носеа неговиот канистер со кислород, а момчињата беа со  нуркачка маска преку целото лице, во која влегува кислородот. Тоа е одбрано како подобра варијанта од класичниот нуркачки респиратор, кој се држи со забите. Познатиот бизнисмен Илон Маск понуди и специјална капсула за спасување, во која момчињата би биле затворени, но беше избрана погоре наведената варијанта.

Момчињата исто така добиле лекови за смирување, за да се спречат напади на паника, при што би можеле да се повредат или да ги повредат нуркачите.

Момчињата на возраст од 11 до 16 години на 23 јуни тргнале на своевидна екскурзија за докажување во пештерскиот систем, по што поради поројните дождови кои поплавија некои од каналите, тие оделе сè подалеку и не можеа да се вратат назад. Животите им зависеа од постојаниот дотур на кислород, храна и пијалоци, што беа многу истоштувачки за нуркачите.

Post date: 2018-07-10 14:20:52
Post date GMT: 2018-07-10 12:20:52
Post modified date: 2018-07-10 14:20:52
Post modified date GMT: 2018-07-10 12:20:52

Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. MS Word saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com