Од денеска задолжително е носењето зимска опрема за возилата


       
Скопје, 15 ноември, 2018 - 9:39 (META) 

Законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата стапи на сила денеска и ќе трае до 15 март 2019 година. Доколку возилото во сообраќај не ја поседува пропишаната опрема, возачот може да добие казна од 45 евра во денарска противвредност или 25 негативни поени во возачката книшка.

За моторните возила со тежина до 3.500 килограми, задолжителна опрема се зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарата од четири милиметри, а ако имаат летни гуми со четири милиметри, мора да се носат и синџири за снег кои одговараат на големината на погонските тркала.

Задолжителна зимска опрема за моторни возила со погон на сите тркала (4×4), пак, се зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарата од шест милиметри или летни пневматици со минимална длабочина од четири милиметри, доколку возилото поседува синџири за снег најмалку за задната осовина во случај кога има постојан погон на сите тркала, или синџири за снег најмалку за погонските тркала кога возилото има преклопив погон.

За моторните возила со тежина над 3.500 килограми, задолжителни се зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарата од шест милиметри, а ако има летни пневматици со минимална длабочина на шарата од четири милиметри, треба да има и соодветни синџири за снег.

Автобусите и товарните возила кои не можат да постават синџири на тркалата, задолжително треба да поседуваат зимски пневматици на погонските тркала, како и прирачен алат.

На бочната страна на зимските пневматици ги има ознаките „МС“, „М+С“, „М&S“ како и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Во Македонија според закон, забрането е користење пневматици, односно гуми, со клинци.