!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Од денеска до 13 октомври партиите и кандидатите во кампања за локалните избори


       
Скопје, 25 септември, 2017 - 10:39 (META) 

Kампањата на кандидатите за градоначалници на локалните избори почнува денеска и ќе трае до 13 октомври.

Вчера кандидатите за градоначалници потпишаа кодекс за фер и демократски избори. Со тоа тие се обврзуваат дека нема да вршат никаков притисок или обид за притисок врз вработените во јавната и во државната администрација, во други институции или установи, финансирани од буџетот на државата, буџетите на општините и на Град Скопје, како и во трговски друштва и претпријатија со државен капитал.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, изјави дека не верува дека овие избори ќе бидат фер.

Тој во интервју за телевизија „Сител“ изјави дека нивните кандидати се заплашуваат, на успешните им се поднесуваат кривични пријави и дека последните постапки покажале дека полицијата ќе биде ставена во партиска служба и за кампањата.

Кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата ќе настапат под мотото „Нова ера почнува“, кампања која Груевски ја најави на конвенцијата на партијата.

Премиерот Зоран Заев и лидер на СДСМ смета дека локалните избори се многу важни и ќе претставуваат еден тест за демократијата во државата и затоа треба да бидат добро организирани.

Тој најави дека со ДУИ ќе настапат како коалиција во повеќе општини и ќе ги поддржат нивните кандидати кои, како што изјави, се добри и работат во интерес на граѓаните.

„СДСМ ќе има свои кандидати за градоначалници во општините Кондово, Липково, Струга и во други општини каде очекувам и Македонци и Албанци да гласаат за нашите кандидати кои се од албанска етничка припадност“, изјави Заев.

Кандидатите за градоначалници на СДСМ настапуваат под мотото „Живот за сите“, а нивниот коалиционен партнер ДУИ со „За општината која ја сакаме“.

До одржувањето на локалните избори на 15 октомври, Собранието нема да работи, бидејќи претседателот Талат Џафери ја прекина неговата работа за, како што кажа, да спречи собраниската говорница да се користи за какво било влијание врз гласачите.

Шестите локални избори во Македонија ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје. Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29 октомври. Изборната кампања за вториот круг завршува на полноќ на 27 октомври.