Од 16 години во мисии во странство, АРМ осум години била во врвот


       
Скопје, 22 септември, 2018 - 15:02 (META) 

Македонската армија не само што веќе 16 години учествува во операции надвор од територијата на државата, туку половина од својот експедициски стаж го минала како една од водечките земји според процентот на вооружени сили ангажирани во борберни операции надвор од својата територија, покажуваат податоците од  Канцеларијата за односи со јавност на Генералштабот на АРМ.

АРМ своето експедициско искуство го почна во 2002 година, со симболичен контингент од двајца старешини во операцијата ИСАФ во Авганистан. Но, од 2006 година, македонската војска надвор од територијата на државата испраќа повеќе од 4 отсто од вкупниот број на припадници на армијата, процент кој се намалува дури во 2015 година, кога завршува операцијата ИСАФ.

На врвот на својата активност, во 2008 година АРМ имала 444 свои припадници во четири мисии во светот, предводени од НАТО, ЕУ или Обединетите нации, или речиси 7 отсто од вкупната бројна состојба во тој момент.

АРМ држи уште неколку статистички рекорди во своите операции во странство. Во 2008 година, со мисиите во Ирак и Авганистан, Македонија беше трета земја, по САД и Британија, според процентот на војници во борбени мисии надвор од својата територија. Според силите распоредени во тие две операции апсолутен лидер беа САД, Обединетото кралство учествуваше со околу 6 отсто, а АРМ со околу 4 отсто од вооружените сили.

За споредба, со исклучок на САД и Велика Британија, членките на НАТО во борбени операции просечно испраќале околу 1 отсто од своите вооружени сили.

Во 2010 година АРМ стана и трета земја, повторно зад САД и Британија, според процентот на војници ангажирани во мисијата ИСАФ. Таа година во мисијата во Авганистан учествувале 407 македонски војници, или околу 6 отсто од бројната состојба на АРМ во моментот.

Истата година и официјалните статистики на НАТО ја рангираа Македонија во врвот на листата на учесници во ИСАФ, овој пат според бројот на војници во однос на популацијата на земјата. На таа листа Македонија беше четврта, по САД, Обединетото кралство и Данска.

Статистички, до денес половина АРМ веќе учествувала во мисии. Според министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, досега повеќе од 4.000 војници биле во операција во сранство.