fbpx

Обвинителството будно ги следи медиумите за „Маѓар телеком“ и „презема дејства“

-

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција будно ги следи сознанијата од медиумите и врз основа на нив почна дополнителни дејства за меѓународна правна помош. Ова е дел од одговорот на Јавното обвинителство на Република Македонија на нашето прашање „Дали исходот од постапката за случајот „Маѓар телеком“ во САД ќе влијае на истрагата за случајот во Македонија?“.

Од Обвинителството велат дека за случајот во земјава се водат два предмети, во ОЈО Скопје и во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.

Предметот што го води ОЈО за организиран криминал, а е поврзан со постапката што се водеше пред правосудните органи во САД, беше отворен откако јавно беше објавено сведочењето на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Слободан Богоевски, пред Окружниот суд во Њујорк, во кое тој тврди дека поранешните директори на „Маѓар телеком“ дале 2,5 милиони евра поткуп на тогашниот премиер Владо Бучковски и на претставниците на ДУИ, Али Ахмети и Муса Џафери, за да не влезе друг телекомуникациски оператор во Македонија.

Кон крајот на септември 2015 година, Богоевски беше повикан и четири часа даваше исказ во Јавното обвинителство.

– И понатаму се преземаат дејства неопходни за расветлување на настанот. Извршено е испитување и на други лица, а поднесено е и барање за меѓународна правна помош од американските власти, што, како што неколкупати посочивме, е подолготрајна постапка. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција будно ги следи сознанијата од медиумите и врз основа на истите почна дополнителни дејства за меѓународна правна помош – велат од Јавното обвинителство.

Американската комисија за хартии од вредност вчера соопшти дека поранешните директори на „Маѓар телеком“, Елег Штрауб и Андрас Балог, кои беа обвинети за „водење тајни договори со премиер и со други лица од Македонија“ за да ја спречат конкуренцијата на телекомуникацискиот пазар, се спогодиле да платат парични казни, од 250.000, односно 150.000 долари.

За првиот случај истрагата почна во 2008 година, а три години подоцна, односно во 2011 година беше поднесено обвинение. Но, судењето за овој случај и по шест години никако да почне, а рочиштата постојано се одложуваат.

Станува збор за случај во кој поранешните директори на „Телеком“, Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус, се товарат дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ за речиси 4 милиони евра, а буџетот на државата за околу 2 милиони евра, бидејќи Владата во „Телеком“ во тој период поседуваше 47 отсто од акциите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Народна банка-ММФ: Денарот е стабилен, инфлацијата под контрола

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, заменик министерот за финансии, Филип Николоски и вицегувернерот Фадил Бајрами се дел македонската делегација на Пролетните средби на ММФ и Светска банка. На...