!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Обвинителството отвори истрага по изјавите на Јеремиќ дека Мијалков перел пари


       
Скопје, 7 декември, 2017 - 13:07 (META) 

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција по допрен глас поведе предистражна постапка поради постоење на индиции за перење пари од високи македонски функционери, по изјавата што ја даде поранешниот министер за надворешни работи на Србија, Вук Јеремиќ, информираат од обвинителството.

Јеремиќ минатата недела изјави дека чешката компанија „Чехословак груп“ во октомври годинава преку белградската фирма СЦМГ ја купила централата на фирмата во Крушевац за четири милиони евра, со директен договор, без јавна лицитација. Тој вели дека според српските закони, директните договори за купопродажба се дозволени само во „специјални случаи“, а „специјално во овој случај е тоа што годинава во Македонија е соборен диктаторскиот и длабоко корумпираниот режим на Никола Груевски, политичкиот брат близнак на српскиот претседател Александар Вучиќ“.

– Тие се луѓе од тој режим, а пред сите е Сашо Мијалков, поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање и „десната рака“ на Груевски, кои почнаа панично да извлекуваат пари стекнати со коруптивни активности во Македонија и да ги пласираат во разни шеми, преку даночните оази, Холандија, а во случајот со „14 Октомври“, преку Чешка – нагласува Јеремиќ.

Од обвинителството велат дека предистражната постапка е резултат на објавените написи од повеќе медиуми во Република Македонија во врска со изјавата на поранешниот српски министер за надворешни работи и претседател на Народната партија во Република Србија, Вук Јеремиќ.

„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ги презема сите потребни дејства и координација со институциите надлежни за откривање на овој вид кривични дела. За понатамошниот тек на постапката, јавноста континуирано ќе биде известувана“, информираат од ОЈО.