fbpx

Обвинителството го преквалификува обвинението за Заев во „Поткуп“

-

Обвинителството денеска го преквалификува обвинението против Зоран Заев од „примање поткуп“ во „барање пари како поткуп“, а снимката која кружеше на „Јутјуб“ под името „Едно евро за Вицето“ е отфрлена како доказ.

На завршните зборови во случајот „Поткуп“ во кој на Заев му се суди под наводи за примање поткуп, беше сменето обвинението, со што наместо затвор од минимум пет години, како што беше според досегашното обвинение, сега највисоката казна што би можел да ја добие ако биде прогласен за виновен, би била од една до пет години затвор.

Пресудата треба да биде изречена в понеделник. Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од струмичкиот Иван Николов Сачевалиев од околу 160.000 евра за легализација на градежно земјиште.

За денешниот потег на обвинителството, Заев по рочиштето рече дека е „обид за миење од срамот на обвинителството и потврда за незаконитоста на Посебните истражни мерки (ПИ-мерки)“. Тој нагласи дека случајот е монтиран за да го спречат да продолжи да ги објавува „бомбите“.

Сепак, Заев рече дека ќе ја почитува пресудата, каква и да е таа.

– Ќе ја почитувам секоја судска одлука каква и да биде донесена од страна на судечкиот судија. Промената на обвинението, односно преквалификацијата на самото обвинение, а согласно законот, со самото тоа и потврдата за незаконитоста на ПИ-мерките, за снимање на просториите, за слушање на телефоните и слично, само по себе, уште еднаш по не знам кој пат докажуваат каква била злокобна, зла  и незаконска намера, заради политички цели да се злоупотребат институциите на мојата земја, на мојата татковина Република Македонија, против мене, во тоа време како шеф на опозицијата, за да бидам спречен, или во најмала рака дискредитиран при објавување на процесот или проектот на „Вистината за Македонија” – порача Заев.

Тој рече дека покренал тужби против обвинителите од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

– Јас со адвокатите колку што знам, имаме покренато и кривични пријави против обвинителите коишто го организирале целиот овој процес. Сега е повеќе од јасно, сведокот го потврди тоа како го монтирале, како го терале, буквално недозволливо со целиот овој процес. Секако, полагам надеж кон моите бранители дека до крај ќе ги истуркаат процесите заради тоа што неказнивоста за било што во нашата земја значи и повтарање на глупостите или делата коишто во минатото се случувале. Јас ветив дека ќе се борам никогаш повеќе да не се повторат сите овие работи што се повторувале во Македонија – рече Заев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...