Обвинителството бара да се укине притворот на актерот Владо Јовановски


       
Скопје, 10 јануари, 2018 - 15:38 (META) 

Претставникот на Вишото јавно обвинителство, Јован Цветановски до Советот кој во Апелациски суд – Скопје денеска ја разгледуваше жалбата за притворот за актерот Владо Јовановски поради насилствата во Собранието на 27 април минатата година, побара актерот да биде пуштен од притвор и да му се изрече поблага мерка за обезбедување присуство. Според Цветановски, Советот на Основен суд Скопје 1 при продолжувањето на притворот погрешно ја утврдил фактичката состојба.

Обраќајќи се до тричлениот совет на Апелацискиот суд, на чело со претседавачот Јани Нича, адвокатите на Јовановски, Ставре Џиков и Дончо Наков, исто така побараа да му се укине притворот на Јовановски. Наков порача и дека е крајно време да се утврдат критериумите за одредување на мерка притвор од првостепените судови и да не се се изготвуваат идентични решенија во секој случај.

За разлика од случајот на Јовановски, на другите две седници на кои скопска Апелација денеска ги разгледуваше жалбите за притворите на Оливер Поповски од Шестата управа и на  Горан Ѓошевски, шеф на обезбедувањето на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, претставниците на Вишото јавно обвинителство побараа трочлениот совет да ги потврди мерките за продолжување на притворот.

Според обвинителот, наводите во жалбата на Поповски, кој не присуствуваше на седницата, а беше застапуван од Ставре Џиков, се неосновани. Според Џиков, пак, тричлениот совет на Апелацискиот суд на Поповски наместо притвор треба да му одреди куќен притвор или друга поблаги алтернативни мерки.

И за Горан Ѓошевски Вишото јавно обвинителство побара да му биде продолжен притворот и оцени дека Советот на Кривичниот суд правилно ги согледал доказите кога ја одредил мерката притвор.

Одлуките на тричлениот совет за жалбите на тројцата притворени може да се очекуваат најрано утре.