Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески преку соопштение до јавноста ја осуди постапката на четворицата јавни обвинители кои изјавија дека одлуката случајот со трагичната смрт на 4-годишниот Алмир Алиу да се преквалификува во сообраќајка е „скандалозна“.

Според Јовески, таквото обраќање е непрофесионално и вели дека со тоа се повредува функцијата јавен обвинител и тешко се прекршува Етичкиот кодекс на јавните обвинители во Република Македонија.

– Нивната постапка ја доведува под сериозно сомневање независноста, непристрасноста, лојалноста и достоинството на јавниот обвинител, бидејќи нивниот настап е предизвикан од други цели кои не се поврзани со извршување на јавнообвинителската функција. Нема да допуштам влијание од кого и да доаѓа, а кое ги попречува напорите за средување на состојбите во јавното обвинителство во насока на професионално, стручно, непристрасно, совесно и законито извршување на јавно обвинителската функција – вели Јовески.

Тој потенцира дека јавните обвинители во вршењето на функцијата не смеат да дозволат да бидат надвладеани од субјективни мислења и проценки, од притисокот на јавноста или политиката. Јовески додава дека законот за секого и во секој предмет е еднаков за сите, без оглед на национална, верска или политичка припадност и дека така треба да се применува.

– Предметот во детали е рефериран и разгледуван на колегиум на Вишото јавно обвинителство Скопје и на Проширен колегиум на Јавното обвинителство на Република Македонија, при што се оцени дека во кривичниот предмет е постапено во согласност со Законот за кривична постапка, Законот за јавно обвинителство и начелата во работењето на јавното обвинителство – изјави Јовески.

Републичкиот јавен обвинител информира дека за постапката на четворицата јавни обвинители ќе расправа Колегиум на Јавното обвинителство на Република Македонија и дека ќе побара нивното однесување да го преиспита Етичкиот Совет на јавните обвинители.