Обвинение за Тони Михајловски за закани кон Бранко Тричковски


       
Скопје, 17 октомври, 2018 - 15:25 (META) 

Основното јавно обвинителство соопшти дека е поднесен обвинителен предлог против актерот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Михајловски, поради закани кон новинарот Бранко Тричковски во јуни минатата година.

„Обвинетиот се товари дека на 16.06.2017 година се заканил дека ќе стори кривично дело за кое е пропишана казна затвор од 5 години или потешка казна. Заканите биле објавени во форма на коментар на неговиот профил на една социјална мрежа и биле насочени кон оштетено лице – новинар, при што обвинетиот повикал на физичка ликвидација и ја загрозил сигурноста на новинарот“, соопшти Обвинителството, без да го посочи идентитетот на двете лица.

Тони Михајловски на 16 јуни минатата година напиша „Јас Бранко Тричковски можам да го убијам и да не ми трепне око. Прости ми боже“.

Михајловски е вработен во Македонскиот народен театар (МНТ), а член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ стана во јануари годинава.