fbpx

ОБСЕ/ОДИХР: Изборите минаа во согласност со меѓународните стандарди

-

Вчерашните избори минаа во согласност со меѓународните стандарди и продонесоа за зајакнување на довербата во демократскиот процес, заклучија меѓународните набљудувачи преводени од ОБСЕ/ОДИХР и од делегацијата од Конгресот на локални и регионални власти при Советот на Европа.

– Иако процесот сè уште не е завршен, на овие избори се виде напредок во демократскиот процес на оваа земја и довербата на гласачот во изборниот процес се зголемува. Се надеваме дека ова ќе продолжи и во вториот круг – изјави амбасадорката Одри Гловер, шеф на мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР.

Таа рече дека законската рамка претставува солидна основа за одржување на фер и демократски избори, доколку се почитува пропишаното. Набљудувачите констатирале дека кампањата се одвивала мирно, иако биле регистрирани вербални напади од една политичка партија и еден насилен инцидент.

Од ОБСЕ истакнуваат дека сепак е потребно унапредување на самиот изборен систем и примена на препораките дадени од канцеларијата на ОБСЕ и од Советот на Европа од претходните избори.

Како недостаток ја истакнаа нетранспарентноста на Државната изборна комисија (ДИК) при носење на одредени одлуки, кои, како што рекоа, биле донесени зад затворени врати, а потоа не сите од нив биле објавени на интернет-страницата на Комисијата.

Тие забележаа дека недостига можност за ревизија на финансиските извештаи што ги поднесуваат политичките партии, особено зашто некои од нив сè уште немаат доставено извештаи.

Според ОБСЕ/ОДИХР, на овие избори не е испочитуван родовиот баланс, особено кај кандидатите за градоначaлници. Тие посочуваат дека и покрај ваквата правна обврска, ДИК прифаќала советнички листи кои исто така не биле родово избалансирани.

Според шефот на дeлегацијата од Конгресот на локални и регионални власти при Советот на Европа, Карим ван Овермеире, излезноста од повеќе од 60 отсто е важна затоа што претставува индикатор дека граѓаните веруваат дека работите можат да се сменат кон подобро.

За обвинувањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за изборни нерегуларности, Гловер рече дека сите забелешки и жалби на партијата се регистрирани и ќе го следат понатамошното одлучување на надлежните институции по овие жалби.

Ван Овермеире рече дека избори без неправилности се невозможни бидејќи сме луѓе, а луѓето грешат.

– Предизборната кампања и гласањето беа во согласност со меѓународните стандарди, но тоа не значи дека нема нерегуларности. Секогаш има простор за подобрување – рече Ван Овермеире.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Лицето кое ја уби 46-годишната Танкица Маладеновска во Кочани на 25 септември доби доживотна затворска казна, соопшти Јавното обвинителство. Основниот суд во Кочани донесе пресуда за злосторникот за кривичното дело...