Во првото полугодие на годинава, Германија добила повеќе струја од обновливите извори на енергија, отколку од јагленот, соопшти германската Асоцијација за енергија и вода.
Со тоа Германија и официјално влегува во иднината. Иако досега производената струја од хидроелектрани, соларни електрани и ветроелектрани и од биогас го надминуваше производството од јаглен и лигнит, тоа се случуваше само во одредени денови или седмици, но ова е првпат обновливите извори да доминираат во толку долг период.
Од јануари до јуни, обновливите извори учествувале со 36,3 отсто од вкупното производство, а јагленот само 35,1 отсто. Остатокот отпаѓа на струјата произведена од природен гас и од нуклеарните електрани.
Пресметките велат дека „зелената“ струја изнесувала 118 милијарди киловат часови, а тоа е дури 10 отсто повеќе отколку во истиот период во 2017 година. Струјата произведена со согорување лигнит и јаглен изнесувала 114 милијарди киловатчасови, значително помалку од 127 милијарди киловатчасови во првата половина на 2017 година.
Опаднало и производството на струја од природен гас – од 44 милијарди киловатчасови во првата половина на 2017 година, на 40 милијарди киловатчасови во првото шестмесечје на годинава. Нуклеарната енергија во првата половина на годинава придонела со 37 милијарди киловатчасови.