Објавен повикот за доделување три милиони евра за мали и средни претпријатија


       
Скопје, 28 април, 2018 - 17:51 (META) 

Распишан е првиот јавен повик на Фондот за иновации и технолошки развој, на кој малите и средни претпријатија ќе може да аплицираат со предлог проекти, а за кој од буџетот се издвоени 185 милиони денари или околу 3 милиони евра.

На прес конференцијата на која беше извршена промоцијата на јавниот повик, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека денес практично започнува реализацијата на мерките од третиот столб од Планот за економски раст, со кои се овозможува поддршка за малите и средните претпријатија.

Парите се за техничка помош и за развивање на организациските способности на компаниите, со кои се овозможува поддршка во набавка на опрема, градење на хали и создавање на нови производи.

-Преку овие мерки се овозможува поддршка до 30% на инвестициите на брзорастечките мали и средни компании и на микро компаниите, додека се овозможува до 70% поврат на инвестиции на компаниите за развој на нови иновативни производи – посочи вицепремиерот Анѓушев.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски во детали ги презентираше информациите во врска со повикот, при што истакна дека во повикот се опфатени четири инструменти: поддршка на малите и средни компании со тенденција на брз пораст – „газели“, поддршка на микро претпријатија, поддршка на подобрување на иновативноста и поддршка за стручно усовршување и пракса на нововработение млади лица до 29 години. Станува збор за кофинансирани грантови за мали и средни претпријатија, кадешто државата станува партнер, преку директна финансиска поддршка во инвестициските проекти на компаниите.

Првиот јавен повик за поддршка на мали и средни претпријатија е отворен до 11 јуни 2018 година.

Наредните два повици се планира да се објават во јули и во последниот квартал од 2018 година.