Обезбедени 100 милиони евра за кредити за мали и средни претпријатија


       
Скопје, 11 септември, 2018 - 13:32 (META) 

Нова кредитна линија од 100 милиони евра ќе се стави на располагање на малите и средни претпријатија, соопшти Владата. Договорот го потпишаа министерот за финансии, Драган Тевдовски, потпретседателот на Европската инвестициона банка (ЕИБ), Ендрју Мекдауел и директорот на Македонската банка за поддршка на развојот, Драган Мартиновски.

Пред потпишувањето на договорот, премиерот Заев на средбата со Мекдауел порача дека потпишувањето на овој договор значи силно охрабрување за нашата економија и домашните мали и средни претпријатија и појасни дека откако ќе бидат вратени овие кредити, парите повторно ќе се пласираат како кредитна линија.

Мекдауел нагласи дека поддршката од ЕИБ ќе расте со напредокот на земјата во ЕУ интеграциите и дека овој договор е петтиот по ред од ваков тип потпишан помеѓу двете институции, со што вкупниот износ на финансирање од ЕИБ достигнува 450 милиони евра.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски појасни дека дека малите и средни претпријатија претставуваат над 99% од вкупниот број на претпријатија во земјава и учествуваат во креирањето на бруто-домашниот производ со преку 55% и во креирањето на работни места со 75%.