fbpx

Обама во ноември ќе ја посети Атина

-

Претседателот на САД, Барак Обама, на 15 и на 16 ноември доаѓа во Атина на средби со грчкиот државен врв. Како што најавија и од Белата куќа и од грчка страна, Обама ќе има средби со претседателот Прокопис Павлопулос и со премиерот Алексис Ципрас. Главни теми на средбите се очекува да бидат грчкиот долг и бегалската криза.

Обама со Ципрас и со Павлопулос ќе разговара и за кипарското прашање, грчко-американските и грчко-турските врски, ситуацијата во Сирија и за други отворени меѓународни проблеми. Засега нема некаква најава за разговори околу грчко-македонското прашање за името.

Посетата се смета за особено важна во Атина и се толкува како посета за поддршка на работата на грчката влада. Според информациите во Атина, грчката влада, која се смета дека одржува добри врски со администрацијата на Обама, очекува поддршка од американскиот претседател за прашањето за одржливоста на грчкиот долг, особено бидејќи следниот ден по завршувањето на посетата на Атина, тој заминува во Берлин на средба со германската канцеларка Ангела Меркел.

Проценките во Грција се дека Обама, иако на крајот на својот мандат и во период кога ќе биде познато името на новиот американски претседател, ќе се обиде да изврши притисок врз Германија за решавање на прашањето со грчкиот долг.

Обама, исто така, се очекува да испрати порака до грчката влада дека мора да се продолжи со спроведување на договорените реформи за да се исполнат обврските кон кредиторите.

Според некои информации во грчките медиуми, можно е Обама да се обиде да предложи конкретен план во Грција и во Германија за олеснување на грчкиот долг.

Обама со грчката страна ќе разговара и за бегалската криза и ќе изрази благодарност за грчките напори за справување со овој глобален проблем. Американскиот претседател планира да посети и бегалски камп додека е во Грција.

Две недели пред посетата на Обама, во Атина ќе престојува и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, кој исто така ќе има средби со грчкиот државен врв.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...