fbpx

Обама од Атина: Демократијата е најдобра опција и мора да ги издржи предизвиците

-

Силна и оптимистичка порака дека демократијата и демократските општества мора да издржат на бројните глобални предизвици, испрати американскиот претседател Барак Обама во својот говор во Атина. Кусо по симболичната посета на Акропол, како историски симбол на демократијата, Обама во својот говор се фокусираше на важноста и на вредноста на демократските општества, истакнувајќи дека иако демократијата е несовршена, комплицирана и некогаш бавна, останува најдобра опција покрај сите нејзини алтернативи.

„Ние како држава веруваме во идеите и во вредностите кои се родија во Атина пред неколку векови. Историјата нè научи дека државите со демократски влади се поправедни, постабилни и поуспешни. Кога луѓето имаат право сами да размислуваат, да разменуваат идеи, се раѓа иновацијата, нови производи и услуги“, истакна Обама.

Американскиот претседател посочи дека мора да опстанат демократските вредности како слобода на говор, слобода на медиуми, фер избори и независно судство.

Осврнувајќи се на борбата против тероризмот, посочи дека демократијата е посилна од терористичките режими и од Исламска држава, кои се обидуваат да го изменат животот преку насилство, терајќи ги луѓето да се откажат од нивните вредности. Како што посочи Обама, силата на демократијата е инклузивноста и отвореноста кон сите луѓе, без оглед на нивниот идентитет, религија, раса.

Претседателот на САД ја посочи Грција како еден од најважните сојузници на САД и еден од највредните сојузници во НАТО. Како што истакна, САД сакаат и силна Грција, но и силна Европа. Европа и европската интеграција забележа дека се еден од најголемите успеси на човештвото.

Тој во говорот ѝ се заблагодари на Грција за напорите за хумано справување со бегалската криза и апелираше до светските лидери да ѝ помогнат на државата во овој напор и да не ја остават сама да го носи целиот товар. Обама уште еднаш ја афримираше американската поддршка за грчките економски реформи и спомена дека побарал од кредиторите да преземат мерки за олеснување на грчкиот долг.

Говорејќи за изборите во САД и за изборот на Доналд Трамп, посочи дека иако има големи разлики меѓу нив, во духот на демократијата ќе направи сè за да има ефиканска транзиција од едната кон другата влада.

Американскиот претседател во говорот повеќепати искористи грчки зборови, а заврши со изјавата „Да живее Грција“.

По дводневната посета на Атина, Обама замина за Берлин на средби со германската влада.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деновите од изборите ќе се одработат, учениците подолго ќе престојуваат во училиште

Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање - 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ...