O2: Справувањето со загадувањето да се вклучи во буџетот – или оставка!


       
Скопје, 13 ноември, 2018 - 9:38 (META) 

Во предлог-буџетот за следната година во ниту едно место не се споменува заштитата на животната средина и намалување на загадувањето. Тоа потврдува дека овој проблем е небитен за Владата, порача Иницијативата О2.

„Комплетниот дебакл што оваа Влада го доживеа во однос на справување со загадувањето и заштита на природата, овој предлог-буџет само го констатира. После година и пол од формирање, две години од изборите, оваа Влада комплетно потфрли и не го спроведе она што го вети во областа на животна средина. Како итни реформски приоритети во првите 6 месеци, требаше  да се воспостави Фонд за животна средина, во кој директно ќе се слеваат средствата добиени од такси за животна средина. Секој таков денар требаше да се намени исклучиво за проекти за подобрување на квалитетот на животната средина“, порачува иницијативата.

Еко-активистите велат дека на врв на сè, со ребалансот на буџетот за годинава се скратени над два милиони евра за заштита на животна средина.

„А се гушиме во загадување, мониторинг станици не работат, инспектори нема доволно, нема опрема за мерење, нема акредитирани лаборатории, нема доволно и адекватни субвенции за премин на домаќинствата во загревање кое нема да загадува, нема соодветен јавен транспорт што би ја намалил употребата на возила, законите стојат во место, правилници и уредби не се носат, …. и ова е само во областа на аерозагадувањето. Тонеме“, велат од Иницијатива О2.

Иницијативата бара итно да се измени буџетот за следната година и во владината програма „Унапредување на животната средина“ да се внесе посебна потпрограма  „Справување со аерозагадувањето“ или во спротивно Владата да поднесе оставка.