fbpx

Новиот закон за следење на комуникациите ќе биде готов до Нова година, вели Спасовски

-

Укинувањето на членот 175 од Законот за електронски комуникации од страна на Уставниот суд во овој момент ќе доведе до вакуум-ситуација, во која целосно ќе биде ускратена можноста да има какво било законско следење на комуникациите што би било во рамките на заштита на уставниот поредок на Македонија и борбата против организираниот криминал и корупција, вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во интервјуто во емисијата „360“ на „Алсат-М“.

Спасовски вели дека тоа е првата причина, а втората е што надлежните органи длабоко се навлезени во подготовката на ново законско решение во рамките на системот на следењето на комуникациите, кое, според него, треба да биде готово до крајот на оваа година.

– Тие реформи се делат во два сегменти. Едни се дел од реформите во системот на следење на комуникациите, а другите ќе бидат во системот на безбедносните служби. Ние почнавме еден национален проект кој што го нарековме „Интелигенција“. Направени се сите можни анализи и подготвени се четири модели на реформи. Ние одбравме еден од тие модели, се подготвуваат законските текстови и во овој момент се формира една меѓуресорска работна група. Ние очекуваме до крајот на годината да имаме еден законски текст, кој ќе биде анализиран од политичките субјекти, од граѓанскиот сектор, од научната и стручната јавност, за на крајот да влезе во собраниска процедура – вели министерот за внатрешни работи.

Спасовски истакна дека актуелната власт останува на ставот дека членот 175 од Законот за електронски комуникации е проблематичен во системот на следење на комуникациите и дека овозможил масовно прислушување изминативе години, но додека да се направат реформите, вели министерот, државата мора да функционира и да се справува со организираниот криминал и со корупцијата.

Прашан како граѓаните да бидат убедени дека нема злоупотреби со прислушувањето и сега, Спасовски тврди дека МВР спроведува сериозна контрола која оневозможува каква било злоупотреба на системот за следење на комуникациите.

– Денес нелегално прислушување од страна на МВР во Македонија нема. Со новиот систем можноста од злоупореби ќе биде доведена на минимално ниво – тврди Спасовски.

Владата на својата 31. седница донесе мислење со кое му предложи на Уставниот суд да донесе решение за запирање на постапката за оценување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски телекомуникации, усвоена на 21 јуни 2017 година.

Членот 175 ѝ овозможува на Управата за безбедност и контраразунавање (УБК) директно да прислушува преку телекомуникациските оператори.

Укинување или измена на членот 175 од Законот за електронски комуникации е и една од препораките во извештаите на германскиот експерт, Рајнхард Прибе, оној од 2015 година и последниот од годинава.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Нови 46 нови случаи на пертусис, од нив 9 се хоспитализирани

Во периодот од 12 до 18 април, пријавени се 46 нови случаи на голема кашлица, со зголемување од 4,5 отсто споредено со претходниот седмодневен период, информира одделот за епидемиологија...