fbpx

Новинарските здруженија едногласно против насилството врз колегите

-

Новинарските здруженија и асоцијации едногласно го осудија физичкиот напад врз новинарот на „Телма“, Павле Беловски, кој се случи вчеравечер непосредно пред неговото јавување во живо пред Министерството за внатрешни работи.

За настонот реагираа Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Македонската асоцијација на новинари (МАН), Самостојниот синдикат на новинари (ССНМ), а осуда пристигна и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

„Здружението на новинарите на Македонија остро го осудува физичкиот напад врз новинарот на телевизија „Телма“, Павле Беловски, кој вчеравечер пред МВР беше нападнат со тупаници и со клоци од лице со криминално досие, додека известувал за увидот на Специјалното јавно обвинителство во Управата за безбедност и контраразузнавање за аферата со прислушување. Нападот на новинарот Беловски е смислен атак врз слободата на медиумите, оркестриран од одредени структури на МВР, кои сакаат да ги одвратат новинарите да известуваат за нивните опструкции на истрагата на СЈО“, велат од ЗНМ.

МАН бара од надлежните најитно да се расветли случајот бидејќи, според нив, ова претставува атак врз слободата на изразувањето и атак врз новинарската бранша. И досега се случувало физички да бидат напаѓани новинари, велат од МАН, што е дополнителна причина да побараме расветлување на сите без исклучок.

ССНМ најостро го осуди нападот врз новинарот кој без никаква причина беше жртва на физичко насилство пред седиштето на МВР.

„Сакаме да ја потсетиме јавноста дека станува збор за шести напад врз новинар на место на настан само во 2016 година. Ја поздравуваме брзата реакција на припадниците на МВР кои го привеле напаѓачот, но, во исто време, искажуваме крајно незадоволство од бавната реакција на надлежните институции кои во крајна инстанца не ги решаваат овие случаи ниту бргу, ниту задоволително во поглед на правдата. Јавноста знае, а институциите треба да се свесни дека физички или друг тип на загрозување на новинар, особено на работна задача е напад врз слободата на информирање и во крајна линија напад врз демократското уредување на државата. Од тие причини ги повикуваме повторно надлежните, веднаш да го расчистат овој случај, да ги разјаснат мотивите за нападот и на тој начин да испратат јасна порака дека нападите врз новинарите нема да се толерираат“, велат од ССНМ.

Осуда за нападот пристигна и од АВМУ, од каде сметаат дека ваквите чинови се директен напад врз слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана.

„Агенцијата апелира да не се попречуваат новинарите и претставниците на медиумите во извршување на нивната професионална задача, која е од исклучителна важност во овие општествени мигови“, порачуваат од АВМУ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...