Новинарските организации реагираа: Заканите кон новинарите се атак врз демократијата


       
Скопје, 9 март, 2018 - 12:15 (META) 

Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС) денеска категорично ги осудија упатените закани кон претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) Насер Селмани.

Селмани вчера објави дека добил закани по живот од луѓе на ДУИ и дека МВР професионално постапила по пријавата, а Специјалниот претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите, Харлем Дезир и целиот дипломатски кор во Скопје, овој инцидент го третираат многу сериозно во европски контекст после убиствата на новинари во Малта и во Словачка.

„За нас е целосно неприфатливо да се спречува слободата на изразување и професионалната работа на новинарите, која треба да биде ослободена од какви било притисоци и уцени. Упатувањето закани кон новинарите истовремено е атак врз демократијата и ограничување на можноста јавноста да има пристап до информации и идеи од различен вид. Ги повикуваме надлежните институции навремено да реагираат и да ги преземат неопходните мерки за да се расчисти случајот и да се спречи повторување на ваквите инциденти. Потсетуваме дека државата, во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права, е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слободата на изразување“, се вели во реакцијата од организациите и институтите.